Сточари и земјоделци од целата држава денеска ќе одржат прес-конференција пред Владата на Република Македонија поради катастрофалната состојба во македонското овчарство и заостанатите субвенции за 2024 година.
Организатор е Сојузот на одгледувачи на овци, со поддршка на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, а најавените протести се реакција на како што велат долгогодишното игнорирање од страна на институциите.
Според сточарите, субвенциите требаше да бидат исплатени најдоцна до 30 јуни годинава, но рокот е пробиен, а поради инфлацијата реалната вредност на парите е намалена за околу 20%. Тие исто така предупредуваат дека цените на јагнето и млекото остануваат ниски, додека трошоците за храна и производство растат, што го доведува нивното работење до загуба.
Доколку барањата не бидат исполнети, сточарите најавуваат општи протести од 26 декември со блокирање на главните сообраќајници и продолжување на протестите до целосно исполнување на нивните барања.
Тие повикуваат сите земјоделци и здруженија да се приклучат, истакнувајќи дека државата им должи околу 1,5 милијарди денари за субвенции.
