Вести Македонија Топ вести

Во Скопје, Струмица и Кичево алармантна загаденост на воздухот- градскиот татко во дискусија со активистите околу огнометот

Скопје повторно меѓу најзагадените градови во светот. Дали да има или да нема огномет, кои се мерки треба да бидат на сила и во чија надлежност се истите се дел од барањата кои граѓанските активисти и денес ги побараа од град Скопје. Градоначалникот Ѓорѓиевски кој пред да започне пресот на Зелен хуман град,  влегуваше во своето возило, и покрај тоа што рече дека писмено ќе бидеме известени, сепак влезе во дискусија со активистите.

  • Мојот став е за новогодишната прослава никаде да не се активира огномет на градот Скопје, но не сме ние тие кои што можеме тоа да го забраниме или да не го забраниме, рече Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје.
  • Можете апсолутно што сакате на територија на градот Скопје за она што претставува опасност за…, одговори Драгана Велковска, Зелен хуман град.
  • Ама ние не сме диктатура госпоѓо, возврати Ѓорѓиевски.
  • Ама централната партија е истата власт, рече Велковска.
  • Сега ова е како некоја мерка во здравство, вие да кажете дека ако сум од иста политичка партија со централната власт дека јас можам да донесам мерка во здравство во Република Македонија, рече Ѓорѓиевски.

Во изминатите два дена, пет мерни станици во Скопје регистрирале зголемено присуство на ПМ10 честички, над дозволената граница. Најалармантно е во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и кај Ректоратот, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање. Се препорачува бремените жени, лицата над 60 години и хронично болните да бидат ослободени од работни обврски. Воедно и реорганизација на работното време, при што работата на отворено да се одвива меѓу 11 и 17 часот.

Град Скопје ги активираше препораките против загаден воздух да се ограничи престојот на отворено, да се избегнуваат спортски настани на отворено; средните училишта и градинките да ги проверат прочистувачите на воздух. Да се користи јавен превоз. Сепак се поставува прашањето дали градот има доволно инспектори за контролите да бида спроведени во целост:

-Можеби не е обемот колку што сметам дека треба да е задоволувачки, но сепак е подобра инспекциската служба во споредба со било која друга општина во државата и постапуваат на терен постојано луѓето, истакна Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје.

Во меѓувреме „Зелен хуман град“  побараа дислокација на цементарницата УСЈЕ, додавајќи дека станува станува збор за еден од десетте проценти најголеми загадувачи во светот.

  • Ако ниту инспекторатот,  ниту министерството, ниту Собранието, ниту Обвинителството не ги спроведуваат своите должности и надлежности, должност на Советот на град Скопје најблизок до граѓаните и по закон и по Устав да го заштити нивното здравје може да испрати силна политичка порака и да иницираат отпочнување на овој многу задоцнет процес со кој ќе застане рамо до рамо со Скопјани- Марјан Калевски, Зелен хуман град.

Целосно ги отфрламе сите обвинувања кон Титан Усје, кои се невистинити и не се засноваат на измерени научни податоци и факти, стои во дописот од компанијата. За жал, и овој пат компанијата се користи како изговор, иако реалните, научни и мерливи факти јасно укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место.

  • Работењето на Титан Усје е под 24-часовен независен мониторинг, а сите податоци од мерењата се јавно достапни. Покрај нивното доставување до надлежните институции, кои имаат и независен увид, податоците од мерењата редовно се споделуваат со медиумите и со невладиниот сектор. Сите мерења покажуваат дека работењето на компанијата е под законски дозволените лимити, велат од компанијата.

Последното контролно мерење беше извршено вчера (18 декември 2025 година) од страна на Државниот инспекторат за животна средина, при што инспекторите утврдија дека нема отстапувања од законски дозволените лимити.

Скопје не е единствениот град кој се соочува со енормното загадување, Струмица и Кичево веќе два дена се под  посебни мерки за заштита на населението поради надминат праг на штетни честички во воздухот.

Нина Стефанова

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Чибишев: Суицидални се дури 95 отсто од случаите на труење на Токсикологија

Tea Dimkovska

Единаесет години жителите на Тетово чекаат општината да струши дивоградба

Tea Dimkovska

Трифун Костовски: Сивата еминенција и центри на моќ сакаат да ме уништат

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе