Шефовите на држави или влади на членките на ЕУ рано утрово постигнаа договор за начинот на финансирање на Украина за 2026 и 2027 година преку кредит за кој средства ќе бидат обезбедени врз основа на задолжување на Унијата на пазарите на капитал, поддржано од нејзиниот долгорочен буџет.
„Имаме договор. Одлуката за обезбедување поддршка од 90 милијарди евра за Украина за 2026-27 година е одобрена. Се обврзавме, исполнивме“, наведе претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во објава на Икс нешто пред 3 часот.
„Да го напуштавме Брисел поделен денеска, Европа ќе се оддалечеше од геополитичката релевантност, тоа ќе беше целосна катастрофа. И ќе му испратевме порака на светот дека Европа повеќе не може да испорача ништо и дека тоа би била и стратешка катастрофа. Дојдовме до решение зад кое секој може да застане, во ред, ни требаше малку време, ова е Европа. Но, денес секој може да ја напушти оваа сала за состаноци победнички. Мислам дека Украина победи. Доби итно, предвидливо и сигурно финансирање што ѝ е потребн за следните две години врз основа на задолжувањето на ЕУ на пазарите на капитал, поддржано од буџетскиот простор на ЕУ. Ова не е кревка конструкција. Ова е стабилно, правно робусно и финансиски кредибилно европско решение. Пловиме во чартер води“, изјави Барт де Вевер, премиер на Белгија.
Со договорот се предвидува Украина да го врати кредитот, дури откако Русија ќе и исплати репарации за предизвиканите штети за време на инвазијата, додека во исто време ЕУ го задржува правото на користење на замрзнатите руски средства за финансирање на заемот.
К.К.
