Обезбедувањето финансиска поддршка за Украина е главна тема на декемврискиот Самит на Европската Унија што се одржува во Брисел. Во фокусот е планот за т.н. заем за репарации, со кој се предвидува користење на замрзнатите руски средства во ЕУ за исплата на околу 210 милијарди евра за покривање на финансиските потреби на Украина во 2026 и 2027 година.
Предлогот, иако поддржан од Европската комисија, наидува на отпор кај дел од земјите членки, пред сè Белгија, која предупредува на правни и финансиски ризици. Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, порача дека итноста е јасна и дека ЕУ мора да најде начин да ја финансира поддршката за Украина, било преку замрзнатите руски средства или преку дополнително задолжување.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, истакна дека Унијата мора брзо да одлучи како ќе ја исполни обврската за поддршка на Украина, особено во контекст на војната и тековните дипломатски напори за праведен и траен мир.
Т.Д.
