Собранието со 65 гласа „за“ и пет гласа „против“ попладнево ја донесе „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во образложението истакна дека парламентарното мнозинство и Владата имаат јасна, доследна и непроменлива политика против нелегалната миграција. Потенцира дека Владата никогаш не побарала, не договорила и нема да дозволи изградба на мигрантски кампови или трајно сместување мигранти на територијата на општините во државата. Со оваа Резолуција, како што посочи, се става крај на сите шпекулации и намерно пласирани невистини кои ги слушаме.
Пратеникот Малиша Станковиќ од СПМ, дел од Коалицијата „Твоја Македонија“, рече дека ова прашање не треба да се користи како дневно политичка алатка, но за жал, како што нагласи, тоа се прави од опозицијата.
Пратеничката Јована Мојсовска од Левица, во реплика, рече дека единствен аргумент за „оваа лошо склопена резолуција“ е дека „премиерот Мицкоски ветил“.
Пратеникот и координатор на претеничката група на ВРЕДИ, Беким Ќоку, рече дека резолуцијата има превентивна улога, испраќајќи порака дека прашањата за безбедност, миграцијата и јавниот ред не смеат да се манипулираат за политички придобивки.
Пратеникот Сали Мурати, од Движење на Турците во Македонија, рече дека предлог резолуцијата претставува „директен напад врз темелните вредности на парламентарнат демократија“ и обид за „институционално замолчување на опозицијата и воведување на еднопартиско размислување“.
Пратеничката и коодинатор на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, рече дека предлог резолуцијата на власта е „атипична и штетна за парламентарната демократија“, нагласувајќи дека со оваа резолуција создава опасен преседан и го поларизира општеството и ја префрла дебатата кон политичко етикетирање.
Пратеникот од Алијанса за Албанците Халил Снопче, реагираше дека во резолуцијата се осудува целата опозицијата и упати прашање „зошто и тој се осудува“ и со што тој како претставник на опозицијата „го нарушил балансот и лошо ги информирал граѓаните“.
Според СДСМ усвоена Резолуција е против демократијата, велат, власта на Мицкоски ја гуши демократијата, слободата на говор, мислење и политичко дејствување. Според СДСМ ова е притисок, заплашување и обид за замолчување на опозицијата.
СДСМ и денеска не присуствуваа на седницата. Својот став го кажаа пред собраниската зграда.
- „СДСМ нема да биде соучесник во ова национално предавство, мигранти за пари. Нека си ја потпишат таа предавничка Резолуција сами. Нека си ја гласаат сами, заедно со колаборантите од ЗНАМ. Тие многу добро знаат што потпишуваат – предавство на Македонија. А знаат и што следува за предавство„, изјави Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Иако најавија своја резолуција, СДСМ не ја доставија во Собранието затоа што велат дека не им била дозволена дебата на оваа тема.
Б.С.
Резолуцијата за мигрантите за власта изнудена, за опозицијата непотребна
