Еден тон ветувања, а сликата иста. Како и секоја зима така и оваа, Скопје повторно котира високо на листата на најзагаден град. Утринава според швајцарската апликација Ај Кју Ер воздухот во метрополата беше ставен во категорија нездрав. А на светската листа на најзагадени градови во светото се најде на 26 место. Но не е само Скопје
Речиси секоја Влада излегува со ветувања од по неколку страници испишани со проекти со кои би го намалиле загадувањето. Но, наместо реализација, проектите остануваат вкоренети во документи, а воздухот во Скопје, но и во други градови во земјава руши рекорди по загаденост.
Познавачите велат анализите се направени уште од многу одамна, причините се знаат, но решенијата ги нема.
Една од главните причини за ваквите емисии на загадувачки материи во воздухот во текот на зимата е тоа што имате семејства кои се на работ на егзистенција и тие се греат со што ќе најдат ова од друга страна не упатува на решавање на предизвиците со отпадот. Ако тој се собира и третира соодветно тие корисници нема да имаат достапен отпад за горење, изјави за Телма Филип Иванов, консултант за управување со животна средина
Изградба на нови когенеративни централи, проширување на топловодната мрежа се само дел од работите кои треба да се направат. За ваквото проширување Ивановски вели дека стратегија има уште од многу одамна. Изработена од поранешно Бег, а потоа и дополнета од машинскиот факултет. Но, порано тоа било потешко да се реализира затоа што парното го менаџираше приватна фирма, а мрежата е во сопственост на државата. Сега тоа може полесно да се направи затоа што парното го управува државна компанија.
Во 2014 кога јас бев вработен таму беше претставена, но не знам од која причина не беше земена во обзир. Ниту пак беа преземени некои акции. Тие сигурно имаат административна меморија во која што ќе ја најдат студијата и да ја проучат ако има недостатоци можат да ја надоградат но таа е одлична основа за преземање на едни мерки, додава Иванов
Премиерот Мицкоски пак пред извесно време забележа зошто никој не го проследил тоа што пред некој ден воздухот во Скопје бил почист од други метрополи.
Еве, пред некој ден воздухот во Скопје беше почист од воздухот во Белград, во Сараево, во Приштина, во Љубљана, во Загреб, па и Виена. Зошто тоа никој не го проследи? Ајде за убави работи да зборуваме, изјави премиерот Христијан Мицкоски
Во предизборната програма пак на владејачката партија за намалување на загадувањето стои дека ќе се воведат повеќе електрични возила во сообраќајот, јавен транспорт на чисти горива во такси превозот. А пред извесно време премиерот споменуваше и дека има и потенцијален инвеститор за изградба на когенеративна централа.
Иванов пак смета дека се додека надлежните си ја префрлаат вината и обврските кои што треба да направи нема да одиме напред туку, ќе бидеме таму каде што сме. Забележува и дека псотојано се зборува за тоа колку е скапо справувањето со загадениот воздух, но смета дека е поскапо тоа што се плаќа за лекување на последиците од овој проблем секоја зима.
Ирена Чачкова
