Вести Македонија Најважни

Оставката на Коцевски за власта e победа за правната држава, за опозицијата враќање на „тефтерчето“

Победа за правната држава според власта, окупација според опозицијата. Вака е протолкувана одлуката на државниот обвинител Љупчо Коцевски, пред да биде разрешен, сам да си даде оставка од двете политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Според владеачката ВМРО-ДПМНЕ, за првпат самиот обвинител признал дека обвинителството не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет. Ова, според владеачката партија, е почеток на демонтажа на заробените институции од СДСM и ДУИ.

„Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот. Дали затоа и чекаше оставката да биде на последниот ден кога ќе биде разрешен за да им купи време на неговите наредбодавци? – Исто така, дали е точно дека група обвинители на чело со Коцевски заташкуваат преку 40 случаи на висока корупција против корумпираните функционери на СДС, ДУИ и други партии?“, вели Петрушевски.

За опозициската СДСМ, пак, притисокот за смена на јавниот обвинител е дел од сценариото на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за целосно да ги преземе обвинителството и судството. Така, според СДСМ, ќе се врши политички прогон, има измислени кривични пријави, партизација и злоупотреба на институциите.

„Обвинител под контрола на Мицкоски и ДПМНЕ. Судии под контрола на Мицкоски и ДПМНЕ. Целосна окупација и партизација на судството, враќање на „тефтерчињата“ и погребување на правдата. Исто како во времето на Никола Груевски и по истото сценарио што Вучиќ го спроведува во Србија“, реагираат од СДСМ.

Инаку, Владата предложи разрешување на Коцевски поради „направени крупни професионални грешки и нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед. Претходно, Советот на јавни обвинители даде негативно мислење на предлогот на владата со образложение дека нема докази за наводите на власта.

Билјана Николовска Тодорова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Осомничен е 26-годишен маж за убиство на поранешната британска министерка Видикомб

Tea Dimkovska

ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците потпишаа коалициски договор

Tea Dimkovska

Урсула фон дер Лајен ќе го донира пиштолот кој го доби од претседателот Ердоган на Самитот во Анкара

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе