Исплатата на посебниот детски и на додатокот за попреченост за возрасни, која започна на 12 декември, денеска не продолжила, велат од Коалицијата Менуваме. Тоа е спротивно на изјавата на Заменик – министерот за социјална политика Велковски, дека исплатата ќе продолжи. Па, лицата со попреченост во Охрид, Кочани, Велес, Штип и Прилеп, каде додатоците не стигнаа пред викендот, остануваат без средствата што им следуваат. Додатоците не се исплатени и во дел од други општини низ Македонија, а не се исплаќаат ни надоместоците за ноември на личните асистенти на лицата со попреченост и надоместоците на плата за скратено работно време , наменети за родителите кои имаат деца со попреченост, велат од Коалицијата.
- До 13 часот не е започната исплатата на посебниот детски и на додатокот за попреченост. Ниту се исплаќаат надоместоците за ноември на личните асистенти на лицата со попреченост, а ни надоместоците на плата за скратено работно време на родителите на деца со попреченост, велат од Коалицијата Менуваме.
Вчера Заменик- министерот за социјална политика Ѓоко Велковски за Телма кажа дека исплатата започнала во петокот на 12. демеври, за сите лица кои имаат право на социјална помош, со исклучок на пет центри. Велковски рече дека налогот е веќе во Трезорот и исплатата ќе биде во текот на денешниот ден. Тој исто така кажа дека нема да се доцни ни со исплатата на надоместоците на личните асистенти , за ноември, ниту со исплатата на надоместоците на плати за скратено работно време за родителите кои се грижат за деца со попреченост.
Што е причината денеска лицата со попреченост, нивните семејства и асистенти да не ги добијат средствата што им следуваат , не успеавме да дознаеме зашто Заменик- министерот за социјална политика не одговори на нашите телефонски повици.
Сотир Трајков
