Резолуција и контрарезолуција пред пратениците, меѓусебни обвинувања помеѓу партиите. Темата за прием на мигранти се пресели од партиските говорници, во Собрание. Мнозинството денеска поднесе документ во кој први зборови се „осуда на манипулациите на опозицијата“ и „потврда на политиките против нелегалната миграција“. Носители на резолуцијата се ВМРО-ДПМНЕ, заедно со пратеници од Вреди и од ЗНАМ. Составена е од девет точки и од мнозинството тврдат – ова ќе стави крај на шпекулациите.
„По ширењето на лажни вести, невистини и манипулации од страна на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија подготви резолуција со која еднаш засекогаш ставаме точка на измислената тема за мигранти од страна на СДСМ. Граѓаните можат да бидат спокојни дека безбедноста во државата нема да биде нарушена“, рече Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ
Социјалдемократите остануваат на ставот дека Владата ја отвора вратата за мигрантите. Од партијата обвинуваат дека во резолуцијата на мнозинството има „игра на зборови“, наместо јасно и недвосмислено да се каже „стоп“ за било каков договор за прием на мигранти. Заклучокот на опозицијата е дека ова е предавство и распродажба на земјата. Уште еднаш ја повикаа власта да го потпише нивниот документ.
„Целата недела одбегнуваат да одговорат на нашите повици, одбегнуваат да ја потпишат резолуцијата во којашто експлицитно стои дека нема да дозволиме да се носат мигранти. Наместо да застанат заедно со нас поднесоа контрарезолуција. Контрапротести, контрарезолуција, лажни вести, закани со кривични пријави – исто како во времето на Никола Груевски“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Претходно, британски медиуми објавија дека се преговара нелегалните мигранти и оние кои се одбиени за азил, но не може да се вратат во матичните земји поради безбедност, да им се понуди можност да бараат азил во Македонија. Премиерот Мицкоски ги негираше таквите пишувања, а ги повика институциите да поведат постапки поради ширење страв и паника кај населението.
Петар Догов
