Служба за итна медицинска помош немала ампули против болки, во други установи се наплатувале услуги од пациенти на кои не смеело да им се наплати, а трети давале здравствени услуги по свои ценовници без одобрение од надлежните. Ова го покажале контролите на Фондот за здравствено осигурување. Утврдиле и дека домашната посета во Шуто Оризари била затворена поради немање персонал, без претходно известување. Неправилности биле констатирани во вкупно 14 здравствени установи – 12 надвор од Скопје и две во главниот град.
- „Не би ги именувал здравствените установи каде што се утврдени овие недостатоци со наплатите до објавување конечно на извештаите. Наплатувале за проценки што сметале дека таа услуга транспорт да кажеме до здравствена установа што не била според параметрите и индикациите а била направена. Се случува во помалите градови да има проблеми да нема ампули за болка“, вели Сашо Клековски, директор на ФЗО.
Други 18 неправилности биле откриени во делот на исплатата на платите. Иако дел од клиниките биле во долгови, директорите си ги зголемиле платите за 10%. Утврдено е и дека се исплаќале додатоци за сменска работа и дежурства, прекувремена работа од повеќе од 32 часа месечно, што не е законски, а не биле доставувани ниту потребните документи со книгите за дежурства и дополнителна дејност.
- „Ние ги доставуваме овие информации до министерството за здравство, министерството за финансии и државен завод за ревизија. ДЗР во голем дел од нивните ревизии во здравството ги прави врз основа на нашите извештаи. Проблемот е што нема реакции потоа, бидејќи во делот од посериозните работи кои ќе ги оставам за натамошниот период да ги објавуваме поединечно, има елементи на кривични дела и нас ни е неопходно да се проследуваат понатаму. Само да споменам дека од нашите минатогодишните пријави се ефектуирани неколку кривични пријави од страна на полицијата, меѓутоа немаме никаква повратна информација дали обвинителството постапува по тие пријави“, вели Сашо Клековски, директор на ФЗО.
Фондот ги задолжил сите установи веднаш да ги отстранат неправилностите и најавија дека контролите ќе продолжат. Клековски порача дека ФЗО ги зголемува капитациите и платите, но очекува истовремено да се почитуваат законите и колективните договори. Ова се само првични извештаи, а во наредниот период ќе бидат објавени и резултати од други истраги.
Симона Петровска
Б.С.
