Австралиските власти денеска побараа од некои од најголемите платформи на социјалните медиуми во светот да пријават колку профили деактивирале откако забраната за деца помлади од 16 години стапи на сила.
Facebook, Instagram, Kick, Reddit, Snapchat, Threads, TikTok, X, YouTube и Twitch изјавија дека ќе се придржуваат до првиот закон во светот што стапи на сила во средата во Австралија, изјави министерката за комуникации Аника Велс.
Но, одговорите на технолошките компании на првото барање за податоци од комесарката за е-безбедност Џули Инман Грант веројатно ќе укажуваат на нивната посветеност да ги ослободат своите платформи од мали деца.
- „Денес комесарката за е-безбедност ќе им пише на сите 10 платформи кои се сметаат за платформи на социјални медиуми со ограничување на возраста и ќе ги праша- каков беше вашиот број на сметки под 16 години на 9 декември, какви се вашите бројки денес на 11 декември?“, рече Велс.
Комесарката ќе ги открие одговорите на платформите во рок од две недели. Платформите ќе бидат обврзани да обезбедуваат месечни ажурирања во текот на шест месеци.
Компаниите се соочуваат со казни до 49,5 милиони австралиски долари (32,9 милиони американски долари) доколку не преземат разумни чекори за отстранување на сметките на австралиските деца помлади од 16 години.
Велс рече дека Европската комисија, Франција, Данска, Грција, Романија, Индонезија, Малезија и Нов Зеланд размислуваат да го следат примерот на Австралија во ограничувањето на пристапот на децата до социјалните медиуми.
- „Постои огромен глобален интерес и ние го поздравуваме, и ги поздравуваме сите сојузници кои ѝ се придружуваат на Австралија да преземат акција во оваа област за да повлечат линија и да кажат дека е доста“, рече Велс.
Групата за човекови права „Проект за дигитална слобода“ со седиште во Сиднеј планира да го оспори законот врз основа на уставни основи во австралискиот Висок суд на почетокот од следната година.
Б.С.
