Не сакаме судење во стихови. Не сакаме судење во метафори. Сакаме судење со докази, факти и одговорност, порачаа родителите на загинатите деца во кочанската дискотека „Пулс“ на 32-от „Марш на ангелите“. Револтирани се од досегашниот тек на судењето на обвинетите за трагедијата и од начинот на кој нивните адвокати ја презентираат одбраната.
Со солзи во очите и фотографии во рацете, родителите, семејствата на загинатите млади луѓе маршираа низ кочанските улиците. Пред зградата на судот и обвинителството истакнаа дека маршот не е против државата, туку таа да почне да функционира, а нејзините институции да не бидат празна форма и, како што велат, нема да дозволат смртта да се релативизира и лагата да стане официјална вистина.
Родителите посочија и дека обвинителството има прибрано 200 гигабајти доказен материјал, а од друга страна се добива впечаток дека никој не е виновен, никој не е одговорен, никој не е надлежен.
Родителите на загинатите млади луѓе порачаа дека нема да се откажат, ќе продолжат да го следат секое рочиште и да „маршираат“ по улиците се додека правдата не излезе на виделина. Овде се за да се борат за оние кои повеќе не можат да зборуваат и за сите идни генерации кои мора да живеат во нормална држава.
Во пожарот на кочански „Пулс“ згаснаа 63 животи, а над 200 лица беа повредени. Судскиот процес за случајот е во тек, а семејствата го очекуваат и обвинителниот предлог за полициските службеници.
Викторија Јованова
