Претходниот закон за високо образование беше многу лош, ова го кажувам каде дел од академската фела, а не како министер, вели Јаневска.
Таа во вечерашната Топ Тема рече дека Законот за високо образование, Законот за квалитет во високо образование и науката и Законот за научно истражување во ист момент ќе одат во собранието бидејќи се поврзани.
- Ќе има многу промени во овој закон, прво ќе поминеме на модуларни студиски програми и нема да имаме повеќе 1.400 студиски програми и факултети со одредени програми на кои се запишуваат двајца студенти. Една од мерките за покачување на квалитетот и за покачување погоре на Шангајската листа е заострување на критериумите за избор во звања од асистент до редовен професор со еден реизбор на редовните професори, што е новина, потоа зајакнати критериуми, повеќе трудови и повеќе импакт фактор, истакна министерката.
- Другите значајни новини ги кажувам ексклузивно за првпат кај вас – ќе се обидеме заедно со групата со којашто работиме да добијат Универзитетите една развојна компонента, оние кои ќе имаат најдобри резултати во неколку столбови од нивната поставеност да добијат поголем буџет за разлика од оние кои покажуваат помалку резултати да добијат помал буџет годишно од државата. Ќе се потрудиме да обезбедиме квалитетен кадар според систематизација на универзитетите. Ќе ја зајакнеме контролата во приватните факултети за кои што сме свесни дека продуцираат неквалитетен кадар. Малку ќе ги зголемиме и студентските права, го подржуваме и студентското организирање. Изборите на раководните функции на факултети ги демократизираме на многу едноставен начин по примерот на демократските земји, наброја Јаневска дел од новините во законот за високо образование.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
