Впишувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија значително ќе го забрза нејзиниот пат кон Европската Унија, рече бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со претставници на бураски здруженија од земјава, пренесува тамошната државна агенција БТА.
-Се надевам дека нашиот југозападен сосед тоа ќе го стори што е можно поскоро, за да ја отвори вратата кон преговори за полноправно членство“.
Бугарскиот претседател посочи и дека должност на секоја демократска држава е ефикасно да ги штити правата на сите свои граѓани и да го гарантира нивното право на самоопределување.
-Сите се надеваме интеграцијата на РСМ што е можно поскоро да се случи, но тоа не може да биде на сметка на правата на бугарската заедница во земјата, вели Радев.
Според него, токму Бугарите од Северна Македонија први го поставиле прашањето за ефикасно гарантирање на нивните права во сопствената земја, како и дека денес тоа е заедничка кауза не само на сите бугарски институции, туку и на ЕУ.
Претставниците на бугарските организации од земјава на состанокот со Радев, пак, изразија надеж дека РСМ нема да ја користи бугарската заедница како алиби за да не ги спроведува неопходните реформи што ја водат земјата кон ЕУ.
