До крајот на месецот владата ќе го активира разрешувањето на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски во Собранието, потврди премиерот на денешната средба со новинарите. Планот е целата постапка да заврши за околу месец и половина. Постапката беше запрена по кочанската трагедија.
Во однос на платите на судиите, премиерот го повтори ставот дека нема да може да се обезбеди процентот од 0,8 отсто од државниот буџет. За вработувањата што ги бараат во јавното обвинителство, побарале да изготват листа за колку вработувања се работи и на кои позиции и Министерството за финансии ќе обезбеди средства. Законот за Судски совет е готов и пратен е на мислење во канцеларијата на Европската комисија.
Законите од реформската агенда, дел се подготвени, дел сè уште се усогласуваат. Изборниот законик е готов, се чека да заврши прегласувањето на 11 јануари, за да влезе во процедура.
На новинарско прашање за најавениот протест на ДУИ за притворените од УЧК во Хаг, Мицкоски рече дека Ахмети со ова се обидува да се консолидира пред конгресот, но нема да добие поддршка од меѓународната заедница и ќе остане изолиран.
За конгресот на неговата партија, пак, на кој ќе биде единствен кандидат, рече дека ќе присуствуваат 850 делегати и 1.700 гости, меѓу кои и од европските сестрински партии. Ќе биде усвоен и документ – „Старатегија Македонија 2030“, што ќе биде рамка во која ќе се движи партијата и државата во наредните години. Столбови ќе бидат економијата, инфраструктурата, енергетиката и образовни и здравствени реформи. Најави дека ова ќе биде и државно редизајнирање.
Веднаш по изборот ќе ја редизајнира и партијата, ќе предложи нов состав на Извршниот комитет и на сите партиски структури. Целата процедутра очекува да заврши до крајот на март, по што во април-мај ќе почне и најавената владина реконструкција.
Далиборка Демјанска Цветановска
