Вкупно 2.450 евра се казните за операторот со храна за утврдените недоследности со превентивните вонредни контроли по случајот со пронајдена бактерија во мусака во ОУ „Димо Хаџи Димов“, објави Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
„На операторот со храна, за утврдените недоследности со превентивните вонредни контроли, се изречени две парични казни по 900 евра во денарска противвредност (600 евра за операторот и 300 евра за одговорното лице), а за непоседување на сертификат за завршен курс по хигиена за едно лице и немање соодветни технички услови за работа ( немање на топла вода) во две училишни кујни изречена е и вкупна казна од 650 евра во денарска противвредност“, се наведува во соопштението на АХВ.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) официјално ги доби резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри на храна и брисеви од работни површини, прибор, машини и од вработените лица во кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов“ и од вонредните инспекциски контроли кои беа спроведени во кујните на деветте основни училишта во Општина Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна.
„Со 600 евра во денарска противвредност и 300 евра за одговорното лице е казнет операторот со храна, бидејќи со земените мостри храна од ОУ „Димо Хаџи Димов“ било потврдено дека послужената мусака, не ги задоволува микробиолошките критрериуми за безбедност, односно утврдено е присуство на бактерија (Enterobacteriaceae). Од земените мостри храна и брисеви од во рамки на превентивните вонредни контроли во деветте основни училишта, кај една мостра од храна (намаз) утврдено е присуство на бактерија ешерихија коли, за што е наредено намазот да се исфрли од употреба. Два од тестираните брисеви биле позитивни, но, кај нив не е утврдено присуство на патогени бактерии“, се вели во соопштението на АХВ.
По наредените мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот, опремата и машините во кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Општина Карпош, инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска повторно земаа брисеви од работните површини во кујната со цел утврдување на најзината безбедност. На вонредни здравствени санитарни прегледи упатени се и вработените во кујната, која ќе остане затворена се до добивање на лабораториските наоди со кои ќе се потврди безбедноста.
С.Д.
