Велика Британија и Германија се подготвени да „ја поддржат Европа во услови на закана од натамошна руска агресија“, изјави Британскиот крал Чарлс.
Зборувајќи на државниот банкет во чест на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кралот го пофали заедничкиот одбранбен договор меѓу двете земји, нарекувајќи го „уникатно партнерство во срцето на НАТО“, пишува Скај њуз.
На почетокот од тридневната државна посета, Штајнмаер рече дека двете земји „работат заедно за да ја промовираат безбедноста и одбраната, рамо до рамо за слободна, мирна Европа со поддршка на Украина“.
Ова е прва државна посета на германскиот лидер на Велика Британија по 27 години, а околу 160 гости присуствуваа на банкетот во салата „Сент Џорџ“ во Виндзор, опкружена со елка украсена со 3.000 лампиони.
