Картелски комбинаторики и во осигурителната дејност. Десет познати компании се договориле да ја качат цената за авто-одговорноста.
Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) обелодени дека планот го кроеле околу два месеца, односно за рекордно време донеле идентична одлука. Со ова го изиграле законот, ја загрозиле конкуренцијата на пазарот на осигурување и извршиле најтешка форма на повреда на Законот за кокуренција, посочуваат од Комисијата.
„Во постапката беше утврдено дека осигурителните компании во периодот 01.03.2024 – 07.05.2024 година, разменувале чувствителни информации, координирале активности и во исклучително краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот на премијата за вршење дејност – режиски додаток. Таквото однесување претставува ограничување на конкуренцијата „по своја цел“, односно најтешка форма на повреда, согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата“, вели претседателката на Комисијата за заштита на конкуренцијата Малинка Силјановска Николиќ за Телма.
За ова, секоја осигурителна компанија добила посебна глоба и сега вкупно треба да платат над 280.000 евра. Оние, пак, кои лани во тој период по повисока цена добиле автомобилско осигурување можат со решението од Комисијата за заштита на конкуренцијата, преку суд да си ги бараат парите.
Пред околу една недела, Комисијата казни и четири познати ланци на маркети, но и Сојузот на стопански комори. Според образложението од КЗК, заедно учествувале во забранет договор со што го прекршиле Законот за заштита на конкуренцијата. За овој случај, Комисијата ја отпочна постапката уште во февруари оваа година по допрен глас.
Ирена Чачкова
