Системот „Безбеден град“ во првиот тест период за 24 часа (1 декември) регистрирал 110.000 прекршоци, додека според информациите од МВР на 2 декември се регистрирани вкупно 50.652 прекршоци, што претставува речиси двојно помалку во однос на претходниот ден. Најголем дел се однесуваат за неприлагодена брзина (48.861), за минување на црвено светло – 1.366 и за нерегистрирани возила – 425.
„Безбеден град“ за 12 часа во текот на вчерашниот ден регистрирал вкупно 22.600 нови прекршоци од кои речиси 95 проценти или 21.400 за возење побрзо од дозволената брзина. Најмногу 4.300 прекршоци за брзо возење се регистрирани на излез од Скопје кон Тетово, како и на булевар „Никола Карев“ – 3.000 прекршоци. Најголема брзина за која е регистриран прекршок во тест периодот е 209 км./ч.
Од МВР информираат дека камерите од системот „Безбеден град“ ги регистрираат само оние возила кои сториле сообраќаен прекршок, но не и вкупниот број на возила коишто се движеле по улиците во градот за време на тест периодот.
Системот идентификувал „жешки точки“ на кои се регистрирани најмногу прекршоци за брзо возење или минување на црвено светло. Според МВР, најбрзо се вози на излез од Скопје кон Тетово и на булевар „Никола Карев“, додека најмногу прекршоци за поминување на црвено се регистрирани на раскрсницата на улицата „Цветан Димов“ и улицата „Џон Кенеди“.
„Системот „Безбеден град“ во периодот од 02.12.2025 година од 00:00 до 12:00 часот има регистрирано најмногу прекршоци за возење побрзо од дозволената брзина на излез од Скопје кон Тетово каде се регистрирани 4.300 прекршоци, како и на булевар „Никола Карев“, каде се регистрирани 3.000 прекршоци за возење побрзо од дозволената брзина. Додека за поминување на црвено се регистрирани најмногу прекршоци на ул. „Цветан Димов“ и ул. „Џон Кенеди“ – 45 прекршоци“, велат од МВР.
