Постигнат е договор околу текстот на Предлог-регулативата за постепено укинување на увозот на руски природен гас во Европската Унија, претставници на Данското претседателство со Советот на ЕУ и на Европскиот парламент рано изутринава го постигнаа договорот.
Согласно договореното, Регулативата предвидува правно обврзувачка постепена забрана за увозот на течен природен гас (ЛНГ) и природен гас од Русија во земјите на ЕУ, што ќе започне шест недели по стапувањето во сила на актот. Преодниот период до целосна забрана на увозот на ЛНГ е до крајот на 2026 година, а на природниот гас до есента 2027 година.
Според данскиот министер за клима, енергија и комунални услуги Ларс Агард, чија земја претседава со Советот на ЕУ, договорот претставува голема победа за Унијата и за цела Европа.
– Мораме да ставиме крај на зависноста на ЕУ од рускиот гас, а неговата трајна забрана е голем чекор во вистинската насока. Многу сум задоволен и горд што успеавме толку брзо да постигнеме договор со Европскиот парламент. Тоа покажува дека сме посветени на зајакнување на нашата безбедност и заштита на нашето снабдување со енергија, изјави Агард по завршувањето на состанокот.
