Патничкиот железнички сообраќај во земјава е во прекин од попладнево во 13 часот, поради бојкот на машинскиот извршен персонал. Вработените ќе одат на работа, но нема да ги извршуваат работните обврски. Не замина возот за Битола, а, според најавите, нема да замине ниту возот за Гевгелија.
Од Синдикатот на машиновозачи велат дека бојкотот може да потрае, бидејќи менаџерскиот тим на претпријатието нема слух за нивните барања. Очекуваат менаџерскиот тим да ги повика на средба и да разговараат за барања.
„Имаме вкупно 15 барања кои на 2 октомври ги доставивме до менаџерскиот тим. Нѝ беше одговорено два месеца подоцна односно на 28 ноември, во петокот добивме одговор со образложение дека претпријатието се наоѓа во тешка финансиска состојба и нема доволно средства за нашите барања“, изјави претседателот на Синдикатот на машиновозачи и претставник на машинскиот извршен персонал Тони Димковски за МИА.
Дел од барањата се исплата на перкувремените часови, а за оние кои направиле над 150 прекувремени часови да им биде исплатена бонус плата, покачување на коефициентот за 0.80 поради зголемени животни трошоци, исплата на 10 отсто на плата за вонредно повикување на работа…
Димковски посочува дека дел од барањата се однесуваат на сите вработени, а дел на машиновозачите. Станува збор за вкупно 603 вработени. Од нив 46 се активни машиновозачи и околу 30 помошници.
