Пратеникот Илир Демири од Алијансата за Албанците продолжува со работа како независен пратеник во законодавниот дом. Одлуката за независно делување следува неполни две недели откако лидерот на партиското крило, Села, објави дека го напушта политичкиот блок „Европски фронт“, предводен од ДУИ.
Од кабинетот на спикерот Гаши вчера известија дека Демири испратил официјален допис за своето делување. Како резултат на ова, неговото име веќе е ажурирано на официјалната веб-страница на Собранието.
„Пратеникот Илир Демири го известил претседателот дека ќе работи како независен.“ -соопштија од Собранието.
Телма се обиде да добие одговор од Демири околу причините за таквата одлука, но безуспешно.
Без став денеска се и од партијата на Села. Неговото крило сега е со тројца пратеници во Собранието и без пратеничка група, откако ја напуштија коалицијата со ДУИ.
На ланските парламентарни избори, Илир Демири го освои пратеничкиот мандат во шестата изборна единица.
Во минатото, пак, тој беше министер за здравство во владата на СДСМ и ДУИ, каде исто така ја претставуваше Алијансата за Албанците.
Пред да ја преземе министерската функција, инфектологот Демири имаше улога и како директор на тетовската болница.
Петар Догов
