Една недела по сторијата на Телма, ни една институција не реагираше и не го посети домот на Живка Велјановска и семејството кои и понатаму живеат без дневна природна светлина поради различни решенија на институциите, кои прво не му дадоа, па му одобрија на соседот да прави нов објект.
Таа воедно е револтирана што второто, одобрено барање на соседот за градење има добиено правосилност од Општина и покрај тоа што таа повела спор пред Управен суд, што претставува злоупотреба на службена положба кај општинските службеници.
Таа ги повикала општинските инспектори кои иако увиделе дека нивната соба останува без дневна светлина, и рекле дека нема да преземат ништо и тврделе дека соседот имал исправна документација
„Беа, беа овде, надвор снимаа се. Прво дупката кога се отвори за подрумите. Тоа, тоа се и шефот на инспекторите, инспекторот, се снимаа и ништо. Викаат, ние имаме документ правосилен и не можеме ништо. И до државен инспекторат во Скопје и кај нив сме се обратиле и тие истото ни го одговорија. Како што општина одговара дека има тужба, а сите кај што сме прашале викаат штом се води судска постапка не треба да му стане правосилно решение“ – вели Живка Велјановска.
На барањето за одговор од Општина Тетово испратија допис од две страници во која за повеќе работи вината ја насочуваат кон Велјановски.
Тврдат дека не биле известени од тужителката за тоа дека имало поднесено тужба до Управен суд и затоа била дадена правосилност на одлуката. Но, предметот сепак го доставиле до Управен суд.
„Бидејќи рокот е поминат а ние не бевме известени дека тужителката има поднесено тужба до Управен суд, одобрението за градење стана правосилно на ден 21.05.2024 година. По добивање на тужбата целиот предмет беше доставен до Управен суд“ – тврдат од Општина Тетово.
Живка вели дека општината за ова била известена дури и од Министерството, но дозволиле соседот да си ја користи правосилноста.
„Ние бевме во министерство за транспорт и врски и ни рекоа дека им пратиле на општината додека тужбата трае правосилното правосилноста на решението да му го скинат, да му го поништат. А тие ништо не направија продолжија и од тогаш тој со тој документ си ја направи куќата“ – рече Велјановска.
Општина Тетово одговори дека има постапено по Известувањето на Министерството за транспорт и целокупниот предмет е доставен согласно член 7 став 2 од Правилникот за начинот на користење на информацискиот систем е-одоборение за градење, сега веќе пред Виш Управен суд.
Александар Самарџиев
