Нова опасност по делови од Клинички центар и објекти на улиците „Партение Зографски“ и „Белградска“ поради лизгање на земјиште на Водно. Тоа беше причина за денешниот координативен состанок меѓу Општина Центар и Центарот за управување со кризи (ЦУК) на кој учествувале и претставници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, на министерството за внатрешни работи, на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), на Град Скопје, на Градежниот факултет и на Министерство за транспорт и врски.
Увид на лице место направиле градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски и првиот човек на ЦУК, Мухамед Али, пришто е констатирана потреба од итност за стабилизирање на критичната зона. Заклучоците се испратени до владата од која е побарано да интервенира на приватен имот за превенција за активирање на свлечиштето, со итно преземање на мерки за обезбедување на технички и правни услови за санација и регулирање на атмосферските води.
„Стручните служби дополнително посочија дека за стабилизација на свлечиштето мора да се изгради потпорен ѕид, а бидејќи локацијата каде што треба да се изведуваат градежни работи се наоѓа на приватен имот, ниту една институција, вклучувајќи ја и Општина Центар, не смее да спроведе такви активности без соодветна одлука од Владата. Се работи за сериозна ситуација која бара координирано дејствување и постапување строго согласно ингеренциите на секоја институција. Само така можеме навреме да го решиме проблемот и да спречиме поголеми последици. Општина Центар останува целосно подготвена да ги преземе сите обврски што се во наша надлежност“, рече градоначалникот Герасимовски.
На состанокот било констатирано дека Град Скопје уште во 2022 година бил задолжен со записник од ЦУК да изработи проектна документација за прифаќање на атмосферските води од Водно.
„Разгледана е состојбата на терен, ризиците по околните објекти и потребата од итно преземање мерки за стабилизирање на критичната зона. Договорено е заедничко координирано дејствување, засилен надзор и изработка на ургентен план со цел спречување на понатамошно лизгање на земјиштето“, соопштија од ЦУК.
Проблемот не се јавува за првпат на таа локација. Лани на 10 јуни се урна дел од потпорниот ѕид на улицата „Белградска“ која минува над Детската клиника во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Ѕидот сѐ уште не е саниран, ниту се знае кога ќе биде, ниту зошто проблемот не се решава.
С.Д.
