Бројот на жртви во страотниот пожар што се рашири во станбен блок во Хонг Конг продолжува да се зголемува. Најмалку 65 луѓе ги загубија животите во пеколната огнена стихија, но оваа бројка сигурно ќе продолжи да се зголемува, бидејќи речиси 300 лица се уште засега се водат како исчезнати.
На болничко лекување се околу 70 луѓе а во спасувачките операции се повредени и 10 пожарникари. Пожарникарите успеале да спасат 55 луѓе од запалените згради.
Пожарот зафати седум од осумте високи кули во населбата Таи По. По повеќечасовната операција, властите соопштија дека огнот бил ставен под контрола.
Станбениот комплекс Вонг Фук е дом на околу 4 600-тини луѓе, според последните податоци, но засега не е познато колкумина од нив биле во објектите во моментот кога избувнал пожарот, кој бил класифициран како пожар од петта категорија, најголемото ниво во Хонг Конг.
Спасувачите со часови се обидуваа да им помогнат на луѓето во објектите зафатените со огнената стихија, во исклучително тешките услови за работа.
„Како прво, во текот на ноќта, нашата работа е дополнително тешка и опасна и до овој миг, температурите во опожарените згради сѐ уште се многу високи и затоа имаме проблеми да се искачите во повисоките катови на две од зградите. Што се однесува до состојбата на настраданите, кај нив има различни степени на изгореници“ – рече заменик шефот на пожарникарите во Хонг Конг, Дерек Армстронг Чан.
Властите во Хонг Конг уапсиле три лица под сомнение за убиство од небрежност – двајца директори и еден инженер од градежната компанија која ги изградила објектите. Како една од причините заради кои толку бргу се раширил огнот во објектите, се посочува користењето на високозапалив стиропор во објектите.
„Ви благодарам за прашањата, полицијата продолжува со истрагата на локацијата, откривме дека во една од зградите кои не биле зафатени со пожарот, ние пронајдовме стиропор инсталиран покрај прозорците на секој кат, во близина на лифтовите. Доказите покажуваат дека материјалот е високо запалив. И би можел потенцијално да го забрза ширењето на огнот, заради што се сомневаме дека е можеби една од причини зошто толку бргу се проширил огнот“ – изјави Ајлин Чунг, инспекторка во полицијата во Хонг Конг.
Додека пожарот незапирливо се ширеше, сѐ поголем број луѓе се собираа во близина на зградите, да откријат дали нивните најблиски успеале да се спасат и извлечат од опожарените објекти. Еден од нив успеал и да разговара со својата сестра, која се обидувала да побегне од запалената зграда.
„Не се осмелив да излезам сама. Не знам дали долните катови сѐ уште горат. Сѐ уште прскаат со вода.“ – кажува жената во телефонскиот разговор.
„Остани трпеливо дома и чекај пожарникарите да те спасат“ – ја советува нејзиниот брат.
Комплексот згради зафатен со пожарот бил изграден 1983-тата година, составен од осум кули, секоја висока 31 кат, во кој се наоѓаат околу 1 984 станови со над 4 600-тини жители.
Н.И
