Повраќале, имале дијареја и стомачни тегоби. Вакви симптоми пријавиле повеќе ученици, претежно од пониските одделенија, од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Влае. Симптоми има и кај повозрасните ученици кои воопшто не јадат од училишната кујна, поради што засега не може да се потврди дали се работи за труење со храна или за друг извор на зараза. Сè уште не е познат вкупниот број на деца кои вчера и денеска пријавиле здравствени проблеми.
Директорката Лела Николоска вели дека проблемот се забележува од почетокот на учебната година, но последниве денови бројот на заболени деца се зголемува.
„Има од сите возрасти, ама поголемиот дел се оние помалите, од прво до четврто одделение. Овој проблем е од почетокот на учебната година, ама последниот период се зголемуваат нивните отсуства“, изјави Лела Николоска, директорка на училиштето.
По вчерашните сомнежи за масовно труење кај ученици, кујната во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ е затворена. Вработените се испратени на вонредни прегледи. Од работните површини се земени мостри, а дополнително се испитува и водата.
„ДСЗИ согласно своите надлежности врши затворање на кујната како потенцијален извор на зараза и дава решение на забрана. Тогаш треба да се направи вонредно чистење со дезинфекција, дезинсекција и дератизација“, изјави Кирил Лазов, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
„Екипи веднаш излегоа на терен и зедоа брисови од луѓето кои работат во кујната, земени се мостри од работни површини и примероци од храната која ја јаделе децата. На наше барање земени се примероци и од водата“, изјави Марија Андоновска, директорка на Институт за јавно здравје.
Родители со кои контактираше Телма велат дека крвните анализи на нивните деца не укажуваат на стомачен вирус. Нема потврда ниту дали проблемот е во кујната или во водата во училиштето или од некој надворешен објект за храна. Официјалните резултати од анализите се чекаат за да стане јасно што го предизвикало масовните здравствени проблеми на учениците. Меѓу затруените деца е и синот на премиерот.
Тамара Марковска
