Предлозите за нови министри од коалицијата „Вреди“ ќе бидат доставени во Собранието до понеделник, а „Вреди“ нема да добие дополнителен ресор, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
„Оваа недела ќе се знаат имињата на министрите од „Вреди“. Но, она што е сигурно е дека коалицијата „Вреди“ ќе ги задржи досегашните ресори. Тука нема да има дополнителни промени, нема да има дополнителни сектори. Тоа е договорено во редовите на нашата коалиција. Очекувам дека ќе ги доставам имињата веќе во понеделник, откако ќе бидат искристализирани. Тоа се оние имиња кои што горе-долу циркулираат во јавноста“, изјави премиерот Мицкоски.
На новинарско барање да прецизира дали едно лице ќе биде и вицепремиер и министер за животна средина, Мицкоски одговори дека ќе биде и „министер за нешто“, сугерирајќи дека еден предложен кандидат ќе преземе две функции.
„Коалицијата „Вреди“ нема да има плус еден човек, туку новата личност која ќе дојде на местото на Изет Меџити ќе биде вицепремиер и министер за нешто“, рече Мицкоски.
На прашањето дали во „Вреди“ има несогласувања околу конкретните имиња, Мицкоски одговори дека нема таков впечаток.
Миомир Серафиновиќ
