Во Музејот на современа уметност (МСУ) вечерва беше отворена изложба со седум дела од дизајниран текстил во голем формат чии авторки се шест жени од женскиот центар „Бабара“ од регионот Манингрида во Австралија.
Со оваа изложба што ќе трае следните 10 дена, амбасадата на Австралија во Белград, акредитирана и за Македонија и Црна Гора, прославува три децении од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Македонија и Австралија.
Прославата ќе продолжи в петок и во сабота во Кинотеката на Македонија, каде ќе бидат прикажани два филма – „Домаќинство за почетници“ на македонско-австралискиот режисер Горан Столевски и комедијата „Дворска пепел“ на режисерот Марк Грентел.
На изложбата во МСУ присуствуваше Н.Е. амбасадорот на Австралија во Србија, со акредитации за Македонија и Црна Гора, Питер Трасвел.
