Факт е дека Европската Унија е многу засегната од оваа војна за разлика од САД, барем на долг рок, истакна Борис Георгиевски, уредник во Дојче веле, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„И она што денеска го кажа шефот на германската дипломатија Јохан Ваденфул во еден говор во Берлин, тоа е фактот дека Русија и натаму останува агресивна, без оглед на тоа како и кога ќе заврши војната во Украина. Русија останува опасност за европскиот континент и за Европската Унија. И од тука, Европската Унија има и поинакви интереси и поинакви планови во однос на тоа како може и како треба да заврши руската агресија врз Украина и како треба да изгледа тој мировен договор“, смета Георгиевски.
Нормализирањето на политички односи меѓу земјите на Европската Унија и Русија ќе оди чекор по чекор, но многу тешко, вели Георгиевски. Тој додава дека и во економскиот дел ќе биде многу тешко Еврппската Унија и нејзините членки да се вратат на користење на руските фосилни горива, гасот и нафтата во прв план.
„Голем дел од тие врски веќе се прекинати, гасоводите во Балтичкото Море се дефакто веќе уништени и ќе биде тешко да се вратат назад во функција. Но, истовремено, Европската Унија уште од почетокот на руската агресија во Украина, а и претходно, поќна да се подготвува за ослободување од фосилните горива. И трето, Европската Унија мора да се подготви за едно ново време во односите со Русија, какви ќе биде тоа време засега никој не може да прогнозира, затоа што зависи каков крај ќе има самата војна. Дека економијата од оваа војна трпи, тоа се гледа и во секојдневниот живот во Германија“, смета Георгиевски.
С.Д.
