Истрагата за полицајците осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ е завршена и тече рокот во кој одбраната може да предложи докази. Обвинение се очекува за 10-тина дена потврди шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази. Истрага се води против 26 полициски службеници за „Тешки дела против општата сигурност“ кои беа осомничени во неколку наврати.
Меѓу доказите е и оперативниот план за акциската контрола со која полицијата вечерта влегла во „Пулс“, потврди Абази според кого обвинението ќе даде одговор на дилемите кои изминатите месеци се отворија во јавноста во врска со полициската одговорност поврзана со „Пулс“.
Зошто само еден обвинител работи на оваа истрага наспроти големиот обвинителски тим кој работеше на другиот предмет кој веќе е во судница. Образложението на Абази е дека од една страна во сите обвинителства недостасуваат обвинители а од друга страна во обвинителството за гонење организиран криминал скоро сите предмети се обемни и со повеќе обвинети. Одлучивме дека нема потреба од уште еден обвинител рече Абази. Уште еден предмет поврзан со „Пулс“ е во истрага.
Го води кочанското обвинителство против 11 мина осомничени за поткуп или за злоупотреба на службената положба меѓу кои и даночни инспектори газдата на „Пулс“ и неговиот син. Државниот обвинител Коцевски вели дека обвинителите собираат докази меѓу веќе собраните се и пораките од комуникацијата меѓу синот на газдата на „Пулс“ и двајцата даночни контролори што претходно ги објави „ИРЛ“.
Обвинителството бараше притвор за Драган Паунов и Дуле Димитриев осомничени дека зеле поткуп и му дојавувале на синот на газдата на „Пулс“ кога ќе има ненајавени контроли во диското. Кочанскиот суд им определи куќен притвор и ја одби жалбата на Паунов кој бараше да се брани од слобода.
Eлена Ивановска Мукоска
Дигитална обработка: T.Д.
