Никому не му е јасно зошто владите еднаш даваат повеќе, а друга година помалку пари за студентите од државниот буџет ? Се скусуваат средства за студентски стандард од година во година. Ако за оваа бил качен, за идната се намалува за 7,3 милиони евра. Од Форумот за образовни промени, потенцираат дека намалувањето на Студентскиот стандард е нетранспарентно.

„Можеме да приметиме дека има значајно намалување од околу 7,3 милиони евра и исто така мора да потенцираме дека ова е еден од најнетранспарентните предлог буџети од страна на на владата. Заради тоа што воопшто не е потенцирано од кои буџетски ставки се отстранети за да се намалува студентскиот стандард. Токму поради ова ние пративме и баравме јавно од страна на Министерството за образование и наука исто така и од Владата да да го разјаснат и да ни покажат од каде се отстранети тие средства и и зошто”, вели Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени.
Бројот на студенти кои одлучуваат да се иселат од Македонија расте, бидејќи во други земји добиваат подобри услови, а токму лошиот студентски стандард е една од причините за незадоволство. Од Форумот се сомневаат дека намалувањето е поврзано со парите за студентски ваучери за компјутери и таблети.
„Се надеваме како форум за образовни промени истата не е намалена поради новата мерка, што владата ја има сега за ваучерот за електронски уреди што е неефикасно трошење на парите на даночните обврзници. Заради тоа што со толку толкав буџет на пари еден студент, не може да купи еден квалитетен електронски уред“, додава Ходаи.
Од министерството за образование и наука не дадоа конкретен одговор, во кој дел од Студентскиот стандард ќе бидат намалени средствата. Велат дека ќе има пари за сите потреби на студентите.
„Во буџетот за 2026 година предвидени се над 1,3 милијарди денари за студентски стандард. Средствата се проектирани според пресметките за да се овозможи непречено остварување на сите студентски права кои ги обезбедува МОН како стипендии, партиципација за сместување во домови и субвенциониран студентски оброк, а развојна компонента е предвидена во делот на инфраструктурата“, велат од министерство за образование и наука.
Во студентскиот стандард спаѓа и студентскиот оброк, кој според закон е предвидено да се усогласува со инфлацијата, после секоја фискална година. Но сумата за студентски оброк е 140 денари дневно, од април 2023-та.
Од Националното студентско тело, претходно упатија апел до МОН дека оброкот треба да се покачи за најмалку 10 денари. Дополнително, според извештајот на државниот завод за ревизија потребно е зголемување на финансии за студентите кои престојуваат во студентските домови, со цел подобрување на условите, кои сега за многу студенти се катастрофални.
За 2025-та, од буџетот се издвоени околу 29 милиони евра за студентски стандард, додека за наредната година се предвидени 21,7. Според законот, студентскиот стандард ги опфаќа средствата за студентските домови, за студентскиот оброк, за стипендиите и школарината за одредени категории на студенти како и за културни, информативни и спортско-рекреативни потреби на студентите.
Дел од актуелниот буџет беше потрошен за дератизација во домот Пелагонија каде се појавија стаорци во студентскиот простор.
Теа Димковска
Студентка за Телма: Не добив ваучер за лаптоп, бидејќи сум на втор циклус студии, некои сепак можеа
