Струшката полиција поднесе кривична пријава против пет лица од Струга, меѓу кои и поранешниот градоначалник Рамиз Мерко и службеници од општината, поради оштетување на спомен куќата на Владо Малески. Според информациите од ОВР Струга, инцидентот се случил на 15 октомври во 2025 година, кога инвеститорот сруши дел од стара куќа и ги поткопа темелите на музејот, кој од 2017 година е заштитен како културно наследство
„Н.К.(53) од струшкото село Велешта поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости”, против В.Н. (62) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, како и против Р.М. (68), Н.Н. (56) и Ѓ.Д. (59), сите од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”, информираат од МВР.
Во меѓувреме полицијата истакнува дека архитект-конзерватор од Заводот за заштита на спомениците го одобрил проектот за изградба, иако постоеле несогласувања со законските и конзерваторските решенија, додека градоначалникот го потпишал одобрението за градење спротивно на официјалните акти. Дополнително, тројца службеници од Општина Струга се пријавени за злоупотреба на службената положба, бидејќи со пречекорување на овластувањата го изготвиле и потврдиле одобрението за градба.
Јавното обвинителство Струга веќе презема дејствија по поднесената пријава со цел донесување јавнообвинителска одлука.
„Веднаш по настанот, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет и издаде повеќе наредби за проверки, вклучително и соодветно вештачење. Врз основа на дел од преземените дејствија, МВР денеска до обвинителството поднесе кривична пријава. Обвинителството продолжува да обезбедува докази, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, соопштија од ОЈО Струга.
Заводот и музеј Охрид започна со проценка на направената штета, што ќе им помогне во подготовката на проектот за санација на Спомен-куќата.
Спомен-куќата на Малески има статус на значајно културно наследство. Нејзините темели беа поткопани, а јужниот ѕид и дел од кровот урнати при градежни активности за изградба на нова куќа на место на старата, што била лепенка со оштетената Спомен-куќа.
Нина Стефанова
