Вести Македонија Топ вести

Министрите сами ги предложија, сами вечерва ќе ги гласаат новите ковид-мерки

Владиниот кризниот штаб не ги прашал докторите од Комисијата за заразни болести дали е добро додека уште не завршиле старите мерки, да се носат нови со кои ќе се олабават рестрикциите, тврдат за Телма дел од членовите на Комисијата. Тие утринава имаа состанок – ама според нашите извори, предлогот на Главниот кризен штаб полицискиот час од утре да почнува два часа подоцна – од 23 часот, а летните тераси на кафеаните да работат до 22.30 воопшто не бил ставен на дневен ред. Коментираат дека ова не е прв пат да не бидат консултирани и одлуките да ги носат политичарите. Но, одбиваат да коментираат дали тоа што граѓаните на вечер ќе имаат два часа повеќе за движење и седење во кафеани, особено за верските празници може да ја влоши епидемиолошката крива.

Владата пак тврди – не било така. Предлогот на Главниот штаб паднал по претходна консултација на министерот Филипче и претседателот на Комисијата Караџовски. Владината прес служба тврди и дека Комисијата ставот за олабавување на мерките го потврдила на денешната седница.

Предлогот на Главниот координативен кризен штаб во врска со мерките е доставен по претходна консултација на министерот за здравство и претседателот на Комисијата за заразни болести. Притоа е пренесен ставот дека размислувањата на дел од членовите на Комисијата се во насока на делумно олабавување на мерките. Овој став на Комисијата е потврден на седница која се одржа денеска.

Претседателот на комисјата Жарко Караџовски денеска не одговараше на нашите повици и пораки – кој е неговиот став околу олабавувањето на мерките.

Инаку предлогот до Владата наместо од Комисијата за заразни болести како вообичаено, сега дојде од Кризниот штаб на предлог на Министерството за здравство. Со штабот раководи премиерот Заев, а членуваат 11 министри и двајца директори.  А токму истите министри на владина седница ги потврдуваат мерките кои сами ги предложија и усвоија.

Угостителите се изненадени од тоа што работното време им се зголемува за два часа. За едни ова е чист популизам, бидејќи наменски се олабавуваат мерките за една категорија граѓани, други пак велат дека е добро што ќе работат повеќе.Граѓаните пак со поделени мислења – едни се за други против новите мерки.

Олабавувањето на мерките почна откако здравствените власти констатираа дека стивнале бројките на новозаразени.

Намалување регистрира и неделниот извештај на Институтот за јавно здравје. Во периодот од 26 април до 2 мај бројот на ново заболени се намалил за 39,7%, но се намалил и бројот на тестирања за 17,6% во однос на неделата претходно. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје 41,5 проценти. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Виница. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е таа над 60 години. Пријавени се 167 смртни случаи од 22 градови, што е за 20,9 отсто помалку во однос на минатата недела.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Клековски во здравство, Велковски во социјала, Стоиљковиќ е предложен за министер за локална самоуправа, а Седат Сулејмани од Вреди оди во култура

Дејан Дејан

(видео)Новаковски за електронско гласање: Државата не е подготвена, една Германија ги фрли машините

Дејан Дејан

СДСМ: Мицкоски се претвори во обвинител и судија- кога нема резултати, се бркаат политички противници

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе