Дебати за црвените линии на СДСМ по изборите, но социјалдемократите и среде кампањата со апел до власта – „да постигнеме национален консензус“. Резолуцијата ги јакне нашите позиции, тврди претседателот на партијата, Венко Филипче. Ги повика пратениците да се обединат околу Предлогот на опозицијата, за да се дефинираат заедничките државни и национални позиции за продолжување на процесот на членство на Македонија во ЕУ.
„Како што имаат сите пратеници заеднички декларации, во бугарското Собрание за нивните национални интереси, ајде тоа да го направиме ние. Конечно да биде јасно што е тоа што е наш национален интерес, кои се нашите црвени линии и дека за тоа едноставно не преговараме. Токму тоа стои во нашата Предлог-резолуција, за јазикот, за идентитетот, за културата и за историјата ние не преговараме. Тоа се нашите црвени линии“, истакна Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Од владеачката ВМРО-ДПМНЕ се на став дека Предлогот на СДСМ кој ги содржи македонските црвени линии е всушност порака до Бугарија, дека лидерот на опозицијата е подготвен на сѐ.
„Или имаат многу лош ПР или мислат дека народот заборава кои се тие. Сега и Филипче си најде своја жица, ја нарекува црвени линии, а всушност се „бонбона-бизнис“ за Бугарија. Венко Филипче праќа порака до Бугарите дека е спремен на сѐ и тоа народот го гледа. Никој не очекува од СДС и Венко национална политика. Сите знаеме што се крие зад тоа“, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Уставни измени до февруари идната година, без прифаќање на нови барања од билатерален и идентитетски карактер, како и целосно придржување на Владата и на сите институции кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ, се црвените линии во резолуцијата на СДСМ.
Петар Догов
