Работниците во Македонија заслужуваат повисоки плати, бидејќи се далеку попродуктивни од тоа што се прикажува од надлежните и од работодавачите. Mинимална плата од 500 евра е потреба, а не прашање и законот за работни односи мора да се донесе во најбрз можен рок. Ова се ставовите на дел од синдикалните претставници и лидери кои денесka присуствуваа на фестивалот „Текстилијада“ во Штип.
Изборните процеси, лани и годинава, од ССМ ги посочија како пречка во носењето на законот за работни односи, процес кој трае повеќе од пет години. Со ова сметаат дека би се спречило самоволието на работодавачите и, пред сè, на извршната власт при носењето на законски измени во корист на бизнисот а не на работникот.
„По завршувањето на изборите, секако дека ќе треба да се разговара за законско решение и нов Закон за работни односи или било какви измени на сегашниот, меѓутоа доколку социјалните партнери не ги почитуваат или доколку повторно со изговор дека пратениците имаат моќ да предлагаат закони без дијалог со синдикатите и ја продолжат таа пракса, верувајте ми дека работниците ќе искажат голем револт“, смета Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Повисоки плати се потребни не само за работникот, туку и за подобра бизнис клима. Според Трендафилов, бројките на статистика покажале дека кога растат платите се отвораат, а не се затвораат фирми.
„Минималната и сите останати плати мора веднаш да се зголемат, имајќи предвид дека еден работник, според последните податоци од народната Банка, заработува за својот работодавач меѓу 300.000 и 600.000 денари. Ако не можат да ги зголемат платите и имаат изговори, после ова како потврда на продуктивноста на македонските работници паѓаат сите изговори во вода“, додава Трендафилов.
За да се спречи одливот на работна сила, неопходно е минималната плата да биде 500 евра, но и да се зголемат сите останати, нагласуваат до ССМ.
„Не знам како се имуни на состојбите во регионот, не знам како се имуни на опасноста македонските работници да заминат да работат во Албанија, во Србија, во Црна Гора или во Босна и Херцеговина. Македонскиот работник, замислете веќе има избор да не оди во Германија, за да заработи повеќе, туку тоа може да го направи на 150 километри од својот дом“, вели Трендафилов.
Синдикатите треба да бидат за работниците, а не за власта и додека не се обединат, нема да има прогрес во борбата за права и минимална плата, сметаат дел од синдикалните претставници.
„Гледаме едно раслојување на Синдикатите, односно сега веќе пет конфедерации имаме на синдикати. „Пета сила“ од која јас сум дел. Гледаме дека само ние два, ССМ и „Пета сила“ единствено сме за покачување на плати и протести додека останатите три ги нема никаде“, изјави Кристина Ампева од „Петта сила“.
Според претставниците на синдикалните организации кои денеска беа присутни во Штип, намерата на Владата за своја пресметка на минимална кошничка и делење по категории нема да го смени фактот дека најосновното за четиричлено семејство чини 65.000 денари месечно и не може да се покрие со две минимални плати.
Огнен Чанчаревиќ
