Потпишан е договор за набавка на 80.000 вакцини против сезонски грип, информира министерството за здравство (МЗ). Вакцините се очекуваат во текот на наредната недела и од втората половина на октомври е планирано да почне процесот на вакцинација.
„Традиционално, имунизацијата против грип ќе почне во втората половина на месецов. Годинава се набавени најголем број на вакцини за оваа намена досега. Станува збор за четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија“, соопшти министерството за здравство.
Од МЗ потсетуваат дека со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните групи население – лица на возраст над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.
„Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми и компликации, особено кај ризичните групи“, посочува министерството за здравство.
