Полицијата ѝ поднесе кривична пријава на судијката Лорета Горгиева за измама во службата. Министерството за внатрешни работи (МВР) во пријавата вели дека Горгиева, како член на судскиот совет, не пријавила дека нејзината ќерка има стан во Скопје и добивала патни трошоци во висина од околу 291.000 денари, односно околу 4.700 евра.
„Од 26.08.2022 до 15.01.2024 со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со неприкажување на фактот дека има промени во имотната состојба на членовите на нејзиното потесно семејство, не поднела навремено известување до претседателот на Судски совет дека нема да користи патни трошоци за патување на релација од Струмица, како место на живеење, до Скопје, како место на извршување на работата и обратно, со што го довела во заблуда Судскиот совет да ѝ исплаќа надоместок на трошоци за превоз“, велат од МВР.
Телма ја контактираше судијката Горгиева која нѝ рече дека првпат од нас слуша за пријавата и дека е во судница во судот во Струмица каде се врати по завршување на мандатот.
„Не сум информирана и еве Вие ме известувате“, нѝ рече во телефонски разговор.
Горгиева, кога станала членка на Судскиот Совет, со нотарска изјава известила дека ниту таа, ниту членовите на нејзиното блиско семејство немаат стан во Скопје поради што добивала патни трошоци во висина на вистински трошоци за јавен превоз.
Картата Струмица – Скопје на месечно ниво чинела околу 320 евра. Но, состојбата според МВР се сменила во 2022 година кога не го пријавила станот на ќерката, со што според пријавата сторила дело измама во служба за што законски е предвидена казна од шест месеци до пет години затвор. Во имотниот лист на Горгиева на сајтот на ДКСК, пак, стои дека станот во Скопје бил купен во 2020-тата година.
Горгиева по изборот беше обвинувана од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека е блиска со поранешниот премиер Зоран Заев и има партиски релации. Таа беше избрана од судиите во штипското апелационо подрачје во 2018-та, а кога ѝ заврши мандатот на нејзино место, истите судии за член на Советот избраа сопруга на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ.
Миомир Серафиновиќ
