За една година во Македонија имало 39 жртви на трговија на луѓе што е речиси шест пати повеќе од 2023-та кога биле регистрирани седум жртви, стои во последниот извештај на Стејт департментот за 2024-тата година. Меѓу жртвите има едно момче и едно хендикепирано лице, а речиси сите жртви се жени. Извештајот има констатирано напредок во повеќе сегменти, но и сериозни недостатоци, како намален број на пресуди за трговија со луѓе, ограничени реурси на надлежното Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и слаба координација на надлежните служби.
„Корупцијата и соучесништвото на службени лица во кривични дела поврзани со трговија со луѓе останува значителен проблем, со што се попречуваат мерките за спроведување на законот во текот на годината. Владата објави дека истражува службено лице од Министерството за внатрешни работи (МВР) и службено лице од Министерството за правда за „посредување во проституција“, се наведува во извештајот на Стејт департментот за Македонија.
Македонија останува на Ниво 2 според годишниот извештај на Стејт департментот за борба против трговијата со луѓе, а наведено е дека земјата покажала зголемени напори во споредба со претходниот период. Извештајот наведува дека во 2024-та има зголемен број истраги, подобрено е идентификување жртви и има соодветна поддршка за засолништата за жртвите. Во овој сегмент потребно е и зголемена проверка на населби каде живеат потенцијални жртви на трговците со луѓе.
Миомир Серафиновиќ
