Во денешното гостување во емисијата „Утринска на Телма“, меѓународниот мајстор и ФИДЕ тренер Орце Данчевски, заедно со младите шаховски надежи Софија Беловска и Дамјан Николовски, зборуваа за придобивките од шахот и претстојните предизвици.
Софија, која е вицешампионка во категорија до 10 години, ја нагласи важноста на шахот за подобрување на концентрацијата и логичкото размислување. Во разговорот, тие најавија и дека се подготвуваат за Европското првенство во Будва, каде ќе ја претставуваат Македонија кон крајот на октомври и почетокот на ноември.
Младите таленти, кои се ученици на Данчевски, споделија како шахот позитивно влијае на нивниот успех во училиште, особено во математиката. Дамјан, кој е државен школски првак и три години по ред го држи третото место на државното првенство, истакна дека шахот му помага во подготовките за математичките натпревари.
Интернационалниот мајстор Данчевски зборуваше за неговата иницијатива за воведување на шахот како изборен предмет во основните училишта, како и за неговата новооснована „Шаховска Академија Данчевски“, која нуди онлајн часови за таленти од цела Македонија.
