Кампањата за локалните избори во полн ек пред и официјално да почне. Партиите и функционерите ниту предупредени, ниту казнети за тоа.
По такво предизборие на непочитување закони, што може да се очекува во изборната кампања?
Во Топ Тема дебатираат политичките аналитичари Сефер Селими и Иво Ранѓеловиќ.
- Секое владеење во оваа држава не само власт, туку и опозиција е своевидна кампања. Јас не знам каде почнува и каде завршува кампањата, рече Ранѓеловиќ.
Според него целокупното владеење во оваа држава наликува на кампања на своевиден митинг.
- За јавноста веќе не е видлива законската граница кога почнува и кога завршува кампањата, смета Ранѓеловиќ и додава дека јавноста дури тоа го прима како нормално.
Политичките партии кои ги претставуваат граѓаните за жал не размислуваат за иднината туку за следните избори и ние сме цело време во кампања, истакна Селими.
Според него секоја одлука донесена од било која влада има реклама и зад тоа стои ПР.
