Како да се прошири понудата на акции на македонската берза со нови компании чии акции ќе се тргуваат, е едно од клучните прашања на кои се бараше одговор на 24-тата годишна конференција на Македонската берза во Охрид.
Од почетокот на годинава на берзата се истргувани акции во вредност од 100 милиони евра, што е слично како ланскиот најдобар резултат во изминатата деценија. На берзата котираат 90 фирми, но се тргува со акциите на 20-30 фирми. Околу 80 отсто од прометот е сконцентриран во 10 компании. Директорот на Берзата вели дека ситуацијата е слична во сите помали земји, па дури и во тие од ЕУ.
Министерката за финансии вели дека се работи на поврзување на македонската со берзите од Централна и Источна Европа за да се поврзат пазарите што имаат вишок капитал со тие на коишто им недостига.
Во засилена интеграција решението го гледа и директорот на НЛБ Љубљана, Блаж Бродњак, кој се вклучи на конференцијата преку видео врска. Според него, фрагментацијата е најголемиот проблем на Европа и оти ако сака да им парира на Кина и на Америка, Европа мора уште повеќе и побрзо да се интегрира.
Инишал паблик оферинг (ИПО), односно иницијална јавна понуда, е кога некоја фирма за првпат ќе ги понуди на продажба своите акции на берза. Тоа се прави за фирмите да дојдат до свеж капитал за нови инвестиции, но и за да им се даде шанса на малцинските сопственици да ги продадат своите удели по фер цена. За 30 години постоење, Македонската берза има многу скромни искуства со нови фирми.
Срѓан Стојанчов
