Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, изјави дека неговата држава ќе продолжи да купува фосилни горива од Русија и покрај барањето на американскиот претседател, Доналд Трамп, да ги прекине врските со официјална Москва и се приклучи на санкциите на ЕУ против оваа држава заради војната во Украина.
Трамп, почитувач на ликот и делото на долгогодишниот лидер на Унгарија, претходно ги повика сите земји членки на НАТО, вклучувајќи ја и Унгарија да престане да ја купува руската нафта, бидејќи верува дека војната која Русија ја води против Украина во тој случај бргу би завршила, откако руските власти би останале без приходи за финансирање на својата воена машинерија.
Унгарија на Орбан, инсистира дека заради географските и инфраструктурни ограничувања речиси е невозможно да спроведе транзиција од руските фосилни горива кон оние кои би ги добивал од Западот. Словачка, која се граничи со Унгарија, исто така продолжи да увезува руски енергенси.
„Му реков на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека ако Унгарија престане да добива руска нафта и природен гас, тогаш веднаш, за една минута, унгарскиот економски производ ќе се намали за четири проценти. Тоа би било катастрофално, економијата на Унгарија би паднала на колена. Нема потреба да се расправаме околу тоа, мислам дека ова се фактите. Не треба да се однесуваме како некој да не малтретира однадвор, како некој однадвор може да ни каже што да правиме. Јасно е што е во интересот на Унгарија и ние ќе постапуваме во согласност со него. Сите ги слушаме, смирено одговараме и на крајот ќе постапи како што е најдобро за нас“ – изјави Орбан.
