Вкупниот број на гласачи запишани во Избирачкиот список во Република Северна Македонија за локалните избори изнесува 1.832.415 избирачи. Од овие избирачи во изводите на Избирачкиот список се запишани 1.717.803 избирачи, информираше денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко на 138. седница на ДИК.
Кондарко соопшти дека, согласно евиденцијата на надлежните органи, право на глас имаат вкупно 112.000 избирачи кои се на привремена работа или престој во странство, 2.162 избирачи кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор и 450 избирачи од домовите за стари лица.
На седницата едногласно беше донесена одлуката за заклучување на Избирачкиот список за спроведување на претстојните локални избори кои ќе се одржат на 19 октомври 2025 година.
„Државната изборна комисија го заклучува Избирачкиот список за спроведување на изборите за советите на општините и Советот на Град Скопје, како и за градоначалници на општините и за градоначалник на Град Скопје, кои ќе се одржат на 19 октомври 2025 година. Граѓаните се потпишуваат во еден Избирачки список и гласаат на локалните избори. Значи еден е избирачкиот список на гласачките места за локалните избори“, рече Кондарко.
Како што беше појаснето од членот на ДИК, Ангелчо Ристов, во државата се констатирани 3.480 избирачки места од кои во 132 избирачки места се потпишани помалку од десет избирачи. Гласањето за нив, рече, ќе биде спроведено на најблиското избирачко место.
На седницата, исто така, беше посочено дека досега до ДИК биле поднесени четири барања за набљудување на изборите и тоа од Центарот за развој, реформи и обуки за изборни системи – Грузија, од Амбасадата на Република Словачка во земјава, Централната изборна комисија на Украина и Здружението Институт за истражување и аналитика на политика Ромалитико – Скопје.
