Упад во независност на судството, реагираат од судскиот совет по изјавите на премиерот кој најави серијал на случаи за работата на судиите и обвинителите и правни механизми по изборите, за дел од нив за кои вели дека се генератори на корупција и не заслужуваат повиоки плати. Од Судски совет одговорија „секој кој има индиции и докази за криминално однесување во судството, должен е веднаш да пријави, затоа што непријавувањето претставува сериозно кривично дело“.
„Судскиот совет на Република Северна Македонија остро се спротивставува на користење на судството за дневно-политичка кампања. Судиите се самостојни и независни во донесување на одлуките и секое коментирање однадвор се смета за упад во судството. Судиите и покрај тоа што работат со ограничени човечки и финансиски ресурси, даваат максимални напори за брза и ефикасна правда“, се вели во реакцијата на Судски совет.
Од советот на јавни обвинители засега се без реакција.
Премиерот и Владата треба да се воздржуваат од изјави кои можат да бидат протолкувани како агресивен упад врз судството и независноста, порачаа претходно од невладиниот сектор, од каде го коментираа и невоедначениот и тивок одговор од судската власт.
Експертите посочија дека зголемениот судски буџет не се однесува само на платите, туку за оптимално функционирање на правосудството, независно од извршната власт, како и за вработување на службеници без одобрение на министерството за финансии.
Закони кои власта ги спори се дел од договорената реформска агенда со ЕУ. Премиерот вчера порача дека ќе бидат донесени, но не со предвидените проценти од 0,8 од БДП за судскиот буџет и 0,5 за обвинителскиот. Најави компаративна анализа со пет земји во ЕУ колку издвојуваат за судскиот буџет.
Елена Ивановска Мукоска
