Меѓународните политички односи се наоѓаат во еден анархичен свет на односи меѓу големите сили, покрај тоа што Обединетите Нации формално-правно имаат повеќе од 190 членки, истакна Благоја Атанасовски, политички аналитичар, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на Телма ТВ.
„По падот на комунизмот или, да речеме, распадот на Советскиот сојуз и биполарниот свет, 35 години подоцна ние се наоѓаме во еден хаотичен мултиполарен свет. Бидејќи се сметаше дека по распадот на Советскиот сојуз, имавме униполарен свет каде што САД, односно Америка беше таа која што ги диктираше светските трендови и текови, но од 2014 година па наваму, особено со руската воена агресија во Украина, прашањето на Палестина и на Блискиот Исток, економскиот подем и јакнењето на Кина како нов доминион во светот, едноставно се наруши тој сооднос на Америка, односно САД како единствена голема сила. Сега имаме најмалку две големи сили, тоа се САД и Кина и Русија која е воена сила која предизвика војна во Европа, напаѓајќи го својот помал сосед Украина“, рече Атанасовски.
