Украина е способна, со помош на западните сојузници, повторно да ја освои сета државна територија која е окупирана од Русите, смета американскиот претседател Доналд Трамп.
„Со време, трпение и финансиска поддршка, особено од НАТО, враќањето на изворните граници во моментот кога почна војната би биле опција“, напиша Трамп на платформата Трут Сошл (Truth Social).
Со тоа се чини дека Трамп го менува својот став. Тој во изминатиот период во разговорите за завршување на војната „во игра внесуваше“ и можни територијални отстапки на Киев, што украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано ги одбиваше. Русија, напротив, инсистираше Украина да признае губење на териториите.
Нејасно е што точно мислеше Трамп. Нејасно е, на пример, дали во тоа го вбројува и полуостровот Крим кој Русија го анектира во 2014 година.
На маргините на Генералното Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, Трамп и Зеленски имаа краток разговор, пришто американскиот претседател демонстративно застана крај неговиот украински колега.
Украина би можела, како што рече, не само повторно да ја освои својата окупирана територија, туку „кој знае, можеби дури и да оди понатаму“, рече Трамп. Изрази почит кон борбата на Украина која, како што рече, ја смета за импресивна.
