Познати се контурите на гласачкото ливче. Државната изборна комисија (ДИК) денеска со ждрепка го утврди редоследот на кандидатските листи за градоначалници и за советници.
Редните броеви од 1 до 9 се резервирани за парламентарните партии, од 10 до 33 се вонпарламентарните партии, а од 34 до 153 се независните листи поднесени со потписи од група избирачи.
Од парламентарните партии, редниот број еден е резервиран за коалицијата „Искуство за успех“ предводена од ЛДП и ГРОМ, Движење ЗНАМ е под реден број два, Демократската партија на Србите во Македонија го има редниот број три, Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ е под реден број четири, Социјалдемократскиот сојуз го има редниот број пет, за Левица е резервиран редниот број шест, за Вреди е редниот број седум, коалицијата „За Зелена Иднина“ е со реден број осум, а коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ го има редниот број девет на гласачкото ливче.
Партиите беа извлекувани според азбучен ред.
„Редоследот на листите на кандидати на политички партии и коалиции согласно член 68, став 3 на гласачкото ливче се утврдува со ждрепка и тој број е ист во секоја општина, а во општината каде што нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен, додека на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место. Листите на кандидати предложени од коалиција предводена од една иста политичка партија, без разлика на бројот на политичките партии во коалицијата, во различни општини имаат ист реден број во сите општини“, вели Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија.
Државната изборна комисија денеска спроведе и ждрепка за распределба на рекламни паноа и билборди за локалните избори. Во една кутија партиите – прво власт и опозиција, потоа парламентарните партии без пратеничка група, како и вонпарламентарните партии.
Во друга кутија и на посебни листови процентите кои се состојат во еден пакет. Два пакети од понудените со 40% застапеност, а два со по 10% за рекламирање.
Пристигнати биле вкупно 17 понуди.
Првиот круг од локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот две недели подоцна, на 2 ноември. Изборната кампања официјално ќе започне дваесет дена пред денот на гласање.
Петар Догов
