Си разменија извинувања упатени кон граѓаните ама како критика на другиот. Премиерот Христијан Мицкоски и скопската градоначалничка Данела Арсовска која има уште нешто над еден месец мандат повторно се расправаа преку медиумите иако пред 4 години заеднички ја трчаа битката на локални избори и победија во Скопје. Мицкоски вели се извинувам на граѓаните поради поддршката во 2021-ва. .
-Чувствувам одговорност и сум се извинил најмалку 10 пати. И еве повторно ќе кажам, се извинувам што тогаш застанав зад независниот кандидат Данела Арсовска. И затоа сум го кажал тоа најмалку 10 пати дека таа грешка повеќе нема да ја повториме, рече Мицкоски.
Прашањето беше поврзано со несобраниот смет и ѓубре во главниот град, а Мицкоски потсети на слична ситуација кога градоначалниците од скопските општини се самоорганизирале да го соберат сметот, одговорните тогаш во депонијата Дрисла ја затвориле портата, додека градоначалниците добиле и кривични пријави.
Арсовска пак преку својот ФБ профил упати слично во наводници извинување до граѓаните и го обвини премиерот и партијата за држење во заложништво на градскиот совет и за непонесена одговорност за повеќе настани.
-Ако сакаше да има одговорност, требаше ТВОИТЕ СОВЕТНИЦИ да дадат оставка, за да сега ТИ ЗАЕДНО СО НИВ не си директно одговорен за хаосот во Скопје. Еве сега и јас им се извинувам на граѓаните што сум мислела дека си чесен, професор и интелектуалец, не знаејќи што навистина си. Администрација во град Скопје јас не ја донесов, работев со луѓе кои се професионални, вредни и го сакаат градот за разлика од ВАС, тоа се луѓе кои ВИЕ и таквите како вас ги вработиле во изминатите 30 години, напиша Арсовска на Фејсбук.
Коалицијата Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се распадна 15-тина месеци по формирањето на градскиот Совет на Скопје. Главниот град и граѓаните трпат најмногу поради политичката битка на градоначалничката Данела Арсовска и советот со мнозинство на партијата на Мицкоски.
За неисчистеното ѓубре, нередовниот градски превоз, пожарите на депонии меѓу кои и Дрисла- Арсовска беше обвинувана за неспособност, додека таа тврдеше дека партијата на Мицкоски ги кочи сите активности.
Миомир Серафиновиќ
