Обвинителството вчера отвори истрага за кривично дело Загрозување на животната средина и природа со отпад со која се опфатени фирмата „Ф групација“, Марјанчо Дамевски сопственик на компаниите „Нула отпад“ и „Ле Ман“, неговата ќерка Лора Дамевска и уште две лица. За Дамевски е триесетдневен притвор додека на останатите осомничени им е изречена мерката куќен притвор.
Обвинителството утврдило дека Дамевски бил неформален сопственик на отпадот во Трубарево и раководел со сите операции.
- „Како управител на друго правно лице, тој го избирал правниот субјект каде формален управител била неговата ќерка како мнозински коминтент за складирање на отпад, го организирал целокупното работење и ги извршувал одлуките околу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и подружницата за рециклирање“, стои во соопштението од обвинителството.
Според обвинителството Дамевски и неговата ќерка спротивно на законот за управување со отпад складирале опасен и неопасен отпад во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на почвата и воздухот и ризик по здравјето на граѓаните со складирање на опасниот отпад во Трубарево.
- „Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата на РС Македонија и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост“, стои во соопштението од обвинителството.
Третиот осомничен опфатен со истрагата е раководите на подружница а четвриот е лице кое не било вработено во „Ф Групација“ но го рециклирало отпадот.
Останува нејасно како фирмата „Ф групација“ добила продолжување на дозвола за работа ако се земе предвид дека отпадот се наоѓа во населено место. Според дозволата тие дневно смеат да примат 20 тони неопасен и 500 килограми опасен отпад.
Надлежните кажаа дека во последните четири години се направени пет контроли во отпадот и не биле утврдени никакви нерегуларности.
Сепак и по речиси една недела нема информација што точно изгоре во катастрофалниот пожар односно колкава количина и каков опасен отпад. Надлежните тврдат дека „Ф групација“ изготвувала дневни, неделни месечни и годишни извештаи за прием на отпад кои потоа се доставувале до министерството како и дека комплетната документација се наоѓала на друга локација и дека е предадена на обвинителството.
Огнен Чанчаревиќ
