Вести Македонија Најважни

Подметнат пожар во автосервис во Каменик – изгореа над 20 автомобили на муштерии кои ги оставиле на поправка

Избегната е поголема трагедија по пожарот во кој рано утринава изгоре автосервис во населбата Каменик над Стаклара во Скопје. Сервисот е во густо населено место со збиени куќи и тесни улички, но огнот не се проширил и за среќа нема жртви.

Материјалната штета е огромна. Изгореа 20 автомобили на муштерии кои ги оставиле на поправка, меѓу кои има и неколку скапи коли. Снимките од надзорните камери покажуваат дека пожарот е подметнат. Се гледа како човек со качулка околу 20 до 4 утринава прво ги посипува со бензин колите паркирани пред сервисот од другата страна на улицата, потоа се прекачува преку оградата, ги полева автомобилите во сервисот, ги потпалува и бега.

Пожарот зафатил и дел од автосервисот од другата страна на улицата, но за среќа не се проширил на околните куќи.

„Не знам како да ви го опишам чувството. Треба да се осети на своја кожа да се види како е. Пожарот беше многу голем, имаш многу чад, пламени јазици, сепак гореа пластики и гуми, што е лесно запаливо, а и тешко се гаси. Тесни се уличките, полицијата и пожарната реагираа навремено. За кратко време го локализираа пожарот и го ставија под контрола. Има еден друг див пат од оздола па друга пожарна дојде на припомош, и за среќа со нивната брза интервенција успеаја да го локализираат и да го стават пожарот под контрола“, вели сосед кој живее на само 50 метри од запалениот авто сервис.

Населбата е густо населена со тесни улички, што предизвикало паника кај соседите, а оние со мали деца уште ноќеска се евакуирале, не само поради огнот, туку и поради големото загадување од чадот.

Дел од соседите со кои разговаравме се сомневаат дека потпалувачот не е од оваа населба и не го познава теренот, затоа што по палењето, повторно се враќа по истата тесна поплочена уличка, наместо, како што велат, да избега во спротивниот правец и да исчезне во нивите. Сопственикот не сакаше да зборува пред камера, но вели дека не му е јасно зошто ова му се случило и оти не е во конфликт со никого.

Избегната е поголема катастрофа, затоа што куќите се многу збиени, уличките се многу тесни, а на неколку метри од пожарот поминува далновод. Со брзата интервенција на противпожарната служба е спречено проширување на пожарот кој можел да ги зафати сите други куќи.

Пожарот ги исплашил соседите, а воздухот бил загаден, затоа што горело масло, бензин и пластика од автомобилите. Дирекцијата за заштита и спасување соопшти дека пожарот го гаснеле 8 противпожарни возила и оти бил изгаснат за два часа до 6 утринава, иако уште неколку часа потоа беа на терен за секој случај. Последното противпожарно возило едвај замина околу 11 часот по тесните улички. Поради тешката пристапност, противпожарните возила доаѓале до објектот по земјен пат низ нивите под куќите.

Истрагата ги проверува и надзорните камери од фирмите во населбата за да ја утврди рутата по која избегал пироманот за да може да го идентификува.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќе населени места во Скопје останаа без вода откако пукнала голема цевка кај поранешната фабрика ОХИС

Tea Dimkovska

Папата Лав XIV: Војната носи смрт, дипломатијата е единствен пат до мирот

Tea Dimkovska

Младенците Мартина и Александар ја крунисаа љубовта на овогодинешната Галичка свадба

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе